Иран не бара војна, но ќе ги брани правата на својата нација и земја, а Техеран ќе одговори на „агресијата на ционистичкиот режим“, изјави денеска претседателот на оваа земја Масуд Пезешкијан.
Тој предупреди дека доколку продолжат „злосторствата и агресијата“ на Израел, тензиите ќе се шират, пренесува иранската агенција ИСНА.
Пезешкијан посочи дека луѓето ширум светот стануваат свесни, како што рече, за злосторствата на Израел и неговите поддржувачи.
– Денеска разбудената совест во светот го мрази ционистичкиот режим и злосторствата на овој брутален режим, рече тој.
Тој нагласи дека поддржувачите на Израел, предводени од САД, се борат за човекови права и слобода, но не преземаат мерки против убиствата на жени и деца во Појасот Газа и Либан.
-Илјадници жени и деца беа замолчени од овој брутален режим! Дали овие деца беа терористи, дали блокирањето (доставувањето) на храна и лекови за угнетените луѓе во Газа е еден од принципите на војната и цивилизираниот свет?, праша иранскиот претседател.
Тој им изрази сочувство на семејствата на четворицата ирански војници кои беа убиени во израелски напад во петокот и ги пофали демократските напори на министерот за надворешни работи Абас Аракчи.
На барање на Иран утре ќе се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН во врска со израелскиот напад врз Иран.
Израелската армија го нападна Иран ноќта меѓу петокот и саботата, а за време на нападот, кој траеше пет часа, мета беа 20 цели во таа земја, а загинаа четворица војници.
Серија експлозии се слушнаа во околината на Техеран веднаш откако израелската војска објави дека се водат напади врз воени цели во Иран како одмазда за нападот на Иран врз Израел на 1 октомври.