Посмртните останки на Ратко Младиќ попладнево со авион од Хаг пристигнаа во Белград. Комеморацијата за поранешниот командант на Војската на Република Српска ќе се одржи в сабота, на 5 септември, во Домот на војската, додека погребот е закажан за понеделник, 7 септември, на гробиштата „Топчидер“. Негова последна желба била да почива покрај својата ќерка Ана.
Младиќ почина на 27 август 2026 година, на 84-годишна возраст, во притворската единица во Шевенинген, каде што издржуваше доживотна затворска казна за воени злосторства и геноцидот во Сребреница. Неговата смрт уследи по сериозно влошување на здравствената состојба и претрпени неколку мозочни удари, а барањата на семејството за негово лекување во Србија беа одбиени. По апсењето во мај 2011 година во селото Лазарево, тој ги помина последните 15 години од животот во притвор.
Трагедијата на семејството Младиќ и смртта на ќерката Ана
Трагичната судбина на неговата ќерка Ана Младиќ со децении ја бранува јавноста. Во раните деведесетти години, таа била одлична студентка по медицина во Белград, изолирана од политиката и под силна заштита на семејството.
Сепак, во март 1994 година, на 24-годишна возраст, Ана изврши самоубиство со пиштолот на нејзиниот татко во семејниот дом во Белград, додека во куќата биле нејзината мајка Босиљка и нејзиниот брат. Според релевантни извори, таа си го одзела животот откако преку своето тогашно момче — противник на великосрпската политика — се соочила со суровата вистина и фактите за воените злосторства што ги вршела армијата под команда на нејзиниот татко во БиХ.
Ана беше погребана на гробиштата „Топчидер“, а медиумите забележаа дека Младиќ, кој бил исклучително врзан за неа, на сопствено инсистирање последен пат ја нашминкал својата ќерка пред погребот. По нејзината смрт, Младиќ разви разни теории на заговор дека таа била ликвидирана од неговите непријатели или агенти на КОС, одбивајќи да ја прифати верзијата за нејзиното самоубиство.