Свет

Температурите на Гренланд се од 20 до 30 степени над просекот

Во Гренланд последните денови се забележани температури од 20 до 30 степени над просекот за овој период од годината и се позитивни во многу делови од огромната арктичка територија, објави во средата данскиот метеоролошки институт.

Во главниот град Нук на 20 декември температурата била 13 Целзиусови степени, а во овој период од годината просечната температура е -5,3 ° С.

Понатаму, на северот, живата се искачи на 8,3 степени Целзиусови, а вообичаена за ова време е -20,1 Целзиусови степени.

„Една од причините за покачените температури е метеоролошкиот феномен „фен“, односно топол ветер што дува доста често на Гренланд, објаснува климатологот од ДМИ, Каролина Дрост Јенсен.

„Малку е невообичаено да дува на толку голема површина и истовремено долго време, бидејќи е присутен на поголемиот дел од западниот брег и дел од источниот брег на најголемиот остров во светот, изјави таа за АФП.

Сепак, ова не е преседан бидејќи не се срушени ниту апсолутни рекорди, ниту рекорди во последните триесет години за декември.

На Арктикот затоплувањето е три пати побрзо отколку на друго место во светот.

„Планетарното глобално затоплување подразбира покачени температури како што сега ги гледаме на Гренланд, и тие се генерално повисоки отколку во минатото“, рече климатологот Дрост Јенсен.

Во текот на летото топлотниот бран со температури кои беа над десет степени повисоки од вообичаените за сезоната, предизвика епизода на „масовно“ топење на ледената капа на Гренланд.

Тогаш секој ден се бележеа загуби од осум милијарди тони мраз, што е двојно повеќе од просечниот ритам за летниот период.

На 14 август врнеше и на врвот на највисоката точка на Гренланд (3.216 метри), а вакво нешто досега не се случило.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни