Инцидент со физичка пресметка меѓу затвореници е регистриран во Казнено-поправната установа „Идризово“, при што едно лице завршило со повреди и било пренесено на лекување, информираат од Министерство за внатрешни работи.
Според полицискиот билтен, на 1 април околу 13:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека инцидентот се случил околу 12:40 часот за време на редовната прошетка во затворот.
Во тепачката учествувале осудениците Е.А. (32) и Ш.И. (35) од една страна и С.М. (26) од друга страна, при што тие меѓусебно си размениле удари со тврди предмети. Во еден момент, Е.А. со остар предмет му нанел повреда на С.М.
Повредениот затвореник најпрво добил медицинска помош во амбулантата во установата, а потоа бил пренесен во Клинички центар „Мајка Тереза“ за понатамошно лекување.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.