Хрватски државјанин загинал во сообраќајна несреќа што денеска се случила кај Ковиљската јамка, во правец кон Нови Сад, а повредени се четворица македонски државјани, од кои две деца, јавуваат белградските медиуми.
Во МВР претходно соопштија дека во несреќата загинал еден маж, а неколку лица се повредени.
Како што јавуваат медиумите, на лице место починал хрватскиот државјанин (1966), кој управувал автомобил „пежо“ со македонски регистарски таблички, додека четворица македонски државјани, две жени и две деца се повредени и згрижени се лекарски.
Седумгодишно девојче и десетгодишно момче во свесна состојба се пренесени во Детската болница.
Андреа Ѓуретиќ од Детската болница во Нови Сад за РТС изјави дека животот на девојчето е во опасност и во моментов е на операција.
Една од повредените жени била примена во Ургентниот центар со тешки повреди на главата и телото, а по реанимација и хируршки третман, пациентката е во тешка општа состојба.
Уште едно повредено лице е оперирано. Според неофицијални информации автомобилот излетал од патот и се превртел на покривот.
Официјално соопштение од полицијата засега нема. Во несреќата не учествувале други возила.
Во тек е истрага.