Цементарницата ТИТАН Усје го објави редовниот неделен преглед за измерените средно-дневни вредности на емисиите од производниот процес за периодот од 2 јануари до 8 јануари 2026 година. Според податоците од компанијата, сите измерени параметри се под законски пропишаните гранични вредности (ГВЕ).
Од компанијата информираат дека во наведениот период, Ротирната печка 4 воопшто не била во функција. Истата не работи од 21 декември 2025 година поради редовен годишен ремонт.
Во однос на работата на активните погони, од Усје потенцираат дека технолошкиот процес е поставен така што оневозможува работа на погонот без работа на филтрите. Доколку филтрите не работат, производството автоматски запира.
„Од 2007 година, емисиите на ТИТАН Усје се мониторираат 24 часа, 365 дена во годината од страна на независен, автоматски систем за мониторинг (вкупна прашина, SO2 и NOx), кои се контролирани од страна на надлежните органи“, се наведува во извештајот, додавајќи дека компанијата нема можност да влијае врз резултатите.
Во контекст на загадувањето на воздухот во зимскиот период, од компанијата истакнуваат дека нивното работење не влијае врз зголемувањето на PM10 честичките. Како аргумент посочуваат дека паралелното мерење на амбиенталниот воздух во самиот круг на фабриката не покажува меѓузависност со состојбите измерени на другите мерни станици надвор од цементарницата. Дополнително, тие појаснуваат дека поради сезонската побарувачка, производството на цемент е всушност поинтензивно во текот на летните месеци отколку во зима.
Од ТИТАН Усје упатија и отворена покана до граѓаните, невладините организации и медиумите да ја посетат компанијата во кое било време за да добијат одговори на прашања од јавен интерес.
