Екс премиерот Никола Груевски и екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска беа главни ликови на рочиштето за „Титаник“ каде беа читани нивните СМС пораки. Повеќето од пораките на Груевски до Јанкулоска содржеле барања за вработување во МВР на милитанти на ВМРО ДПМНЕ.
Според исказите претставени пред судот, тогашниот прв човек на полицијата, само ги спровел наредбите на поранешниот шеф, за, како што се вели во СМС пораките, „заслужени вработувања“. Во разговорите постои и дел каде се нарачува вработување на тројца кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и еден од Партијата за правда. Рочиштето беше прекинато поради влошувањето на здравствената состојба на обвинетиот Мунир Пепиќ и ќе продолжи на 5 декември.
