Македонија

Томовски: Ставивме крај на евтините ручеци за функционерите, цените се малку пониски од ресторан на улица Македонија

Томовски: Ставивме крај на евтините ручеци за функционерите, цените се малку пониски од ресторан на улица Македонија

Цените на храната и пијалаците во државните бифеа и ресторани веќе не се социјална категорија за функционерите, откако Владата донесе одлука за сериозно зголемување на маржата со која се продаваат производите. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го соопшти директорот на СОЗР, Ивица Томовски, кој потенцираше дека претходните цени биле нереално ниски.

На прашањето со какви цени моментално работат собраниските и владините бифеа и дали има поскапување, Томовски откри дека е направен остар пресврт во досегашната политика на ниски цени за државниот врв.

„Кога дојдов на функцијата, маржата изнесуваше само 15%, што е навистина премногу ниско за еден ваков систем. Со одлука на Влада, таа маржа сега ја зголемивме на 50%. И покрај ова триплирање на маржата, цените таму се повторно нешто пониски од оние во комерцијалните ресторани на улица ‘Македонија’, но тоа е нормално бидејќи сепак се работи за затворени бифеа во рамки на институциите“, објаснува Томовски.

За визуелно да ја доближи разликата во цените и да покаже како се пресметува новата вредност на оброците, директорот на СОЗР направи директна споредба со цените во строгиот центар на Скопје.

„Која е цената на еден стек на улица ‘Македонија’? Кога ние набавуваме еден килограм стек, од тој килограм не наплаќаме 1.500 денари како што би наплатиле во рестораните надвор. Кај нас цената се формира така што на набавната вредност за килограм се додаваат овие плус 50% маржа“, дециден е првиот човек на СОЗР.

Со оваа мерка, според Томовски, се крати уште една долгогодишна привилегија на политичарите кои со децении беа мета на жестоки критики од јавноста поради правото да ручаат по цени кои беа далеку пониски од пазарните и недостапни за обичните граѓани.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни