Breaking Бендот „Тотсакан“ загуби 3 члена во пожарот во клубот во Бангкок
Свет

Топлотниот бран во Европа однел над 10.000 животи, најпогодени повозрасните лица

Топлотниот бран во Европа однел над 10.000 животи, најпогодени повозрасните лица

Екстремните температури што ја зафатија Европа кон крајот на јуни предизвикаа значително зголемување на бројот на смртни случаи, покажуваат новите податоци на европската мрежа за следење на смртноста ЕуроМОМО.

Во периодот од 22 до 28 јуни во 27 европски земји биле регистрирани околу 10.650 смртни случаи повеќе од очекуваното за тој период од годината. Најголем дел од дополнителните жртви биле лица постари од 65 години – над 9.000 луѓе.

Експертите посочуваат дека високите температури можат директно да предизвикаат топлотен удар, но и значително да ги влошат постоечките кардиоваскуларни и респираторни заболувања. Најголем ризик имаат повозрасните лица, хронично болните и другите ранливи категории.

„Толку висока прекумерна смртност во овој период од годината е невообичаена. Навистина е многу висока“, изјавил Ласе Вестергор од данскиот Институт „Статенс Серум“, во рамките на кој функционира ЕуроМОМО, за „Ројтерс“.

Тој додава дека е тешко зголемената бројка да се објасни со друг фактор освен со екстремната жештина.

Истражување на меѓународната научна група World Weather Attribution покажало дека ваков интензивен топлотен бран би бил „речиси невозможен“ без влијанието на климатските промени.

Податоците на ЕуроМОМО се базираат на националните статистики за смртност, а научниците наведуваат дека во тој период не биле регистрирани други значајни фактори, како нов поголем бран на ковид-19, кои би можеле да го објаснат наглото зголемување на бројот на починати.

Според анализите, Франција и Белгија биле единствените европски земји кои во последната недела од јуни достигнале ниво на „многу висока прекумерна смртност“. Сепак, зголемена смртност била забележана и во повеќе други европски држави.

Научниците предупредуваат дека со продолжувањето на климатските промени ваквите екстремни топлотни бранови може да станат почести и поопасни за здравјето на населението.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни