Деветнаесетгодишна девојка од Струмица го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа на магистралниот пат Струмица – Граничен премин Ново Село, во атарот на селото Турново.
Според информациите од МВР, несреќата се случила околу 23:30 часот кога дошло до судир меѓу автомобил „Сеат леон“ со струмички таблички, управуван од С.Б. (29) од Струмица, и мотоцикл без регистарски ознаки, кој го возел А.Д. (19) од селото Иловица.
Од здобиените повреди на самото место починала 19-годишната К.Ј. од Струмица, која била сопатничка на мотоциклот. Нејзината смрт била констатирана од лекар од Итната медицинска помош. Возачот на мотоциклот, А.Д., се здобил со телесни повреди и бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица.
При полицискиот увид, извршен од јавен обвинител и екипа на СВР Струмица, било утврдено дека возачот на автомобилот управувал под дејство на алкохол со дури 1,75 промили во крвта, по што веднаш бил лишен од слобода.
Полицијата исто така констатирала дека 19-годишниот мотоциклист возел без возачка дозвола и управувал нерегистриран мотоцикл.
По наредба на јавниот обвинител, телото на починатата девојка е предадено на обдукција. Поради увидот, сообраќајот на тој патен правец бил во целосен прекин од полноќ до 02:30 часот по полноќ.