Детали за страшното злосторство во Пјаченца
Педесет и шестгодишната Милена Витанова е жртва на свирепо убиство што се случи во италијанскиот град Пјаченца. За злосторството е осомничен нејзиниот сопруг, 59-годишниот Хако Витанов, кој по чинот самиот го признал делото пред надлежните органи.
Признание преку итен повик
Трагедијата се случила во семејниот стан лоциран на шестиот кат во зграда на периферијата на градот. Според италијанските медиуми, околу 15:30 часот, Хако Витанов се јавил на бројот за итни случаи 112 и ладнокрвно изјавил: „Дојдете, ја убив жена ми.“
Интервенција на полицијата и пронаоѓање на телото
По пријавата, на местото веднаш пристигнале екипи на карабињерите, пожарникарите и итна медицинска помош. Бидејќи вратата била заклучена, полицијата влегла во станот преку прозорец. Во дневната соба било пронајдено безживотното тело на Милена со видливи триги на насилство и повреда на главата. Во близина бил пронајден и ножот со кој е извршено убиството.
Истражителите наведуваат дека жртвата имала повреди и на рацете, што укажува на тоа дека очајнички се обидувала да се одбрани од нападот.
Обид за самоубиство на локалните гробишта
Осомничениот сопруг ги напуштил станот пред доаѓањето на полицијата. Претходно, тој ги однел двете деца кај нивниот чичко кој живеел во близина. Семејството имало вкупно четири деца.
По интензивна потрага, карабињерите го пронашле Хако кај гробиштата „Виа Каорсана“, каде што се обидел да си ги пресече зглобовите. Неофицијално, тој сакал да стигне до гробот на својот син, кој пред неколку години го загубил животот во тешка сообраќајна несреќа. Полицијата навреме го спречила, по што тој е медицински згрижен и приведен на распит.
Истрага за мотивите
Италијанското обвинителство и карабињерите продолжуваат со истрагата за да ги утврдат точните мотиви и околности под кои се случило ова семејно злосторство. Првичните претпоставки се дека убиството е последица на длабоки и долготрајни семејни конфликти.