Поставувањето на темелите на сопствената валута беше еден од клучните чекори во процесот на осамостојување на Македонија, а изборот на изгледот и симболите на банкнотите отвори и свои дилеми. За периодот на создавањето на македонскиот денар говореше поранешниот гувернер на Народната банка, Љубе Трпески, во специјалното отворено студио на 4ТВ по повод 35 години независност.
Трпески потсети дека при изработката на банкнотите било донесено решение повредните апоени да се печатат во странство, во Англија, во печатницата „Деларује“, додека останатите апоени продолжиле да се печатат во печатницата „11 Октомври“.
Особено внимание било посветено и на изборот на мотивите кои ќе се најдат на македонските банкноти. Како што посочи Трпески, на нив биле претставени значајни симболи и споменици поврзани со македонското културно наследство, меѓу кои Детското кале и Ангелот од Курбиново.
Еден од мотивите, сепак, предизвикал одредени реакции. Станува збор за банкнотата на која била претставена Богородица, избор кој, според Трпески, во почетокот наишол на негодување кај дел од муслиманското население во Македонија.
„Во почеток имаше такво негодување, меѓутоа се смири“, рече Трпески, додавајќи дека токму тој апоен подоцна станал интересен и за колекционерите.
Според него, и покрај почетните реакции, банкнотата со овој мотив денес се бара од колекционери од целиот свет.
Изборот на мотивите на првите македонски банкноти, покрај практичната функција на новата валута, претставувал и начин преку кој младата држава го претставувала сопствениот културен идентитет во периодот по прогласувањето на независноста.