Свет

Трамп: Ако Иран не го почитува договорот, повторно ќе ги бомбардираме

Трамп: Ако Иран не го почитува договорот, повторно ќе ги бомбардираме

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на маргините на самитот на Групата седум (Г7) во Франција изјави дека привремениот договор со Иран сè уште не е конечен и предупреди дека Вашингтон би можел повторно да започне воздушни напади доколку не биде задоволен од неговото спроведување или доколку Техеран не се однесува соодветно.

Трамп рече дека документот постигнат со Иран претставува меморандум за разбирање, а не конечен договор, пренесува Ројтерс.

„Тоа е меморандум за разбирање, а ако не ми се допадне, ќе се вратиме на гаѓање и фрлање бомби врз нив. Ако не ми се допадне и ако не се однесуваат како што треба, повторно ќе се вратиме на бомбардирање“, изјави Трамп на маргините на самитот.

Тој наведе дека меморандумот не предвидува итно укинување на санкциите кон Иран, но истовремено го пофали рамковниот договор што го постигнала неговата администрација. Според него, станува збор за „многу силен договор“, чии детали јавноста сè уште целосно не ги знае, но, како што оцени, повеќето луѓе се задоволни од него.

Американскиот претседател оцени дека овој чекор може позитивно да влијае врз финансиските пазари, додавајќи дека реакциите на пазарите се исклучително позитивни, додека алтернативата би била сериозна глобална економска криза.

Зборувајќи за енергетскиот сектор, Трамп изрази очекување дека цените на нафтата на светскиот пазар би можеле дополнително да се намалат и да бидат пониски од нивото пред почетокот на конфликтот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни