Свет

Трамп до Зеленски: Зошто не ја нападнете Москва?

Трамп до Зеленски: Зошто не ја нападнете Москва?

Американскиот претседател Доналд Трамп го прашал украинскиот претседател Володимир Зеленски зошто не извршил удар врз Москва, пренесува Вашингтон Пост, повикувајќи се на извори од американската администрација.

Одговорот на Зеленски бил краток, но јасен: „Можеме, ако ни дадете оружје.“

Разговорот помеѓу двајцата лидери се одвивал во контекст на новата геополитичка офанзива на Трамп, поврзана со конфликтот во Украина. Претседателот на САД ѝ поставил ултиматум на Русија – доколку во рок од 50 дена не се постигне мировен договор, Москва ќе се соочи со сериозни санкции, вклучително и 100% „вторични царини“ за земјите кои купуваат руска нафта.

Во рамки на официјалната средба во Белата куќа со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп го претставил својот амбициозен план за оружје: САД ќе продаваат оружје на европските сојузници, кои потоа ќе го предаваат на Украина. Целта на овој механизам е да се забрза поддршката за Киев, без директно учество на САД во испораките. Според Axios, првата рунда на испораки ќе биде вредна 10 милијарди долари.

„Разочаран сум од Путин, но не сум го отпишал“

„Разочаран сум од рускиот претседател Владимир Путин, но не сум го отпишал“, изјави Доналд Трамп во интервју за BBC, пренесе Reuters.

Интервјуто беше објавено само неколку часа откако Трамп најави нови испораки на оружје за Украина и се закани со санкции за Русија. „Разочаран сум од него (Путин), но не сум го отпишал. Водиме одличен разговор. Си велам: Добро оди, мислам дека се доближуваме до договор, а потоа тој сруши некоја зграда во Киев“, рече Трамп во интервјуто.

Трамп: Оружје за Украина вредно 10 милијарди долари

Претседателот Трамп во понеделникот објави дека САД драматично ќе ги зголемат испораките на оружје за своите европски сојузници, кои потоа ќе го пренесат на Украина.

Според извор запознаен со планот, САД ќе продадат оружје вредно околу 10 милијарди долари на НАТО-сојузниците само во првата фаза. Крајната цел на овие испораки е Украина – ракети, системи за противвоздушна одбрана и артилериски гранати.

Трамп исто така истакна дека ѝ дава на Русија рок од 50 дена за постигнување мировен договор, по што ќе следуваат 100% вторични царини – со јасна најава за санкционирање на земји како Кина и Индија кои купуваат руска нафта. Оваа мерка може сериозно да влијае врз глобалниот пазар на нафта.

Говорејќи од Белата куќа заедно со генералниот секретар на НАТО, Трамп најави дека САД ќе обезбедат „милијарди долари“ во најсовремена воена опрема, а НАТО-сојузниците ќе ја преземат финансиската тежина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни