Свет

Трамп: Доколку Иран има нуклеарно оружје, би го повикал лидерот и би прашал што можам да направам за него

Трамп: Доколку Иран има нуклеарно оружје, би го повикал лидерот и би прашал што можам да направам за него

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека САД не би го бомбардирале Иран доколку Техеран веќе поседува нуклеарно оружје, туку дека лично би го повикал иранскиот врховен лидер и би го прашал дали САД може да направат нешто за него.

Трамп ова го изјави за време на републиканската конвенција во Далас, каде што ја бранеше американската војна против Иран и повторно инсистираше дека Техеран не смее да дојде до нуклеарна бомба.

„Би го повикал врховниот лидер“

Зборувајќи за тоа зошто смета дека Иран не смее да развие нуклеарно оружје, Трамп направи отворена споредба меѓу односот кон нуклеарно вооружена и ненуклеарна држава.

„Ако имаа нуклеарно оружје, ќе го повикав врховниот лидер и ќе му кажев: ‘Господине врховен лидер, како сте? Можеме ли да направиме нешто за вас?’, наместо да ги бомбардираме до бесвест“, рече Трамп.

Потоа повтори дека токму затоа САД мора да спречат Иран да дојде до такво оружје.

„Не можеме да му дозволиме на Иран да има нуклеарно оружје. Многу е едноставно. Не можеме да им дозволиме да имаат нуклеарно оружје“, рече тој.

Изјавата на Трамп е особено впечатлива бидејќи тој практично го опиша нуклеарното оружје како средство што суштински би го променило начинот на кој Вашингтон би постапувал кон Иран. Наместо воени удари, тој зборуваше за директен и помирлив разговор со иранското раководство.

Ја бранеше војната

Трамп во говорот ја бранеше американската воена кампања против Иран, тврдејќи дека нејзината главна цел е да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје. Војната воедно значително ги зголеми цените на енергенсите и стана важна тема во американската кампања за изборите за Конгресот.

Американскиот претседател во последните месеци повеќепати тврдеше дека Иран не смее да добие нуклеарна бомба. И вчера, одговарајќи на новинарски прашања, порача дека на американската јавност војната може лесно да ѝ се објасни со едно прашање: дали треба да му се дозволи на Иран да има нуклеарно оружје. Неговиот одговор бил „не“.

Најновата изјава на Трамп доаѓа во момент кога Меѓународната агенција за атомска енергија повторно го засили притисокот врз Техеран поради неговата нуклеарна програма. Одборот на МААЕ го пријави Иран пред Советот за безбедност на ОН поради недоволната соработка во истрагата за траги од ураниум пронајдени на непријавени локации.

Иран, од друга страна, тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирољубиви цели.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни