Иднината на војната во Украина повторно беше во фокусот на директниот контакт меѓу Вашингтон и Москва. Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин денеска разговарале телефонски околу еден час, соопшти советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков.
Ушаков разговорот го оцени како „конструктивен и многу искрен“, посочувајќи дека главна тема била ситуацијата во Украина.
Во разговорот биле разгледани и неодамнешните посети на американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Москва и Киев. Посетите се дел од дипломатските напори на администрацијата на Трамп за отворање пат кон мировни преговори и завршување на конфликтот.
Според Ушаков, Трамп за време на разговорот јасно ја истакнал потребата војната да заврши што е можно побрзо.
„Доналд Трамп јасно се залагаше за идејата за брз крај на конфликтот, што веднаш би отворило импресивни и далекусежни перспективи за целосно обновување на односите меѓу САД и Русија“, изјави Ушаков.
Путин, од своја страна, му го претставил на Трамп руското гледиште за ситуацијата, вклучително и проценките на Москва за развојот на состојбата на бојното поле и остварувањето на нејзините цели во Украина.
Рускиот претседател, според Ушаков, исто така го уверил својот американски колега дека Москва нема агресивни намери кон европските земји.
Двајцата претседатели се договориле да продолжат да бидат во контакт и, доколку има потреба, повторно да разговараат без одложување.
Разговорот следува по средбата што Путин во саботата ја одржа во Кремљ со специјалните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Американски функционер претходно најави дека Трамп ќе разговара со Путин откако ќе биде информиран за резултатите од состаноците во Москва и Киев.
Се очекува американскиот претседател да разговара и со украинскиот претседател Володимир Зеленски во рамки на дипломатските активности за прекин на војната.
Во пресрет на разговорот, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва е подготвена за преговори за решавање на украинското прашање. Тој оцени дека досегашните разговори со САД биле корисни и дека администрацијата на Трамп уште од почетокот покажала подготвеност да ги разгледа, како што ги нарече, основните причини за конфликтот.
Лавров воедно ја обвини Европската Унија дека ги отежнува преговорите и постигнувањето долгорочно и доверливо решение.