Во вонредно обраќање од Белата куќа, претседателот Доналд Трамп објави дека американските воени сили продолжуваат со жестоките удари врз Иран.
Тој упати директни закани до Техеран, нагласувајќи дека САД нема да дозволат обновување на нуклеарната програма или зајакнување на капацитетите со балистички проектили.
Трамп изрази огромна доверба во моќта на американската армија, тврдејќи дека воените цели се остваруваат побрзо од предвиденото.
„Имаме најсилна војска на светот и со леснотија ќе победиме. За само еден час го уништивме нивното воено водство, многу пред зададениот рок“, изјави тој.
- Претседателот откри дека Иран бил предупреден да сопре со воените активности по оваа операција, но бидејќи предупредувањата биле игнорирани, нападите продолжуваат.
Трамп го искористи говорот за да ја критикува претходната администрација, потенцирајќи дека иранскиот режим вооружен со нуклеарно оружје е „недозволива закана“.
„Горд сум што го укинав договорот со Иран кој го постигна Барак Хусеин Обама. Тоа беше ужасен договор. Сега се грижиме иранскиот режим повеќе да не може да вооружува терористички групи надвор од своите граници“, рече Трамп.
Обраќањето имаше и емотивен момент во кој претседателот им оддаде почит на четворицата американски војници кои го загубија животот во последните операции. Тој вети дека нивната жртва нема да биде залудна и дека мисијата против „терористичкиот режим“ кој е закана за американскиот народ ќе продолжи до целосно исполнување на целите.