Трамп: Иран предложи преговори

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Техеран предложил преговори по неговата закана дека ќе нападне Иран поради репресијата врз демонстрантите и смртта на повеќе стотици луѓе.

Трамп синоќа рече дека неговата администрација преговара за закажување состанок со Техеран, но предупреди дека можеби ќе мора прво да дејствува, бидејќи се зголемува бројот на смртни случаи, а владата продолжува со апсење на демонстрантите.

Се вчитува...

„Состанокот се договара, но можеби ќе мораме да дејствуваме пред состанокот поради она што се случува. Но, состанокот се договара. Иран повика, сакаат да преговараат“, рече Трамп синоќа пред новинарите.

Иран не издал соопштение поврзано со изјавата на Трамп, но претходно предупреди дека американската армија и Израел ќе бидат „легитимни цели“ доколку САД употребат сила за заштита на демонстрантите.

Според податоците на американската активистичка организација Human Rights Activists News Agency, најмалку 544 лица загинале – 496 демонстранти и 48 припадници на безбедносните сили, додека околу 10.600 лица биле притворени за време на двете недели протести.

Поради прекинот на интернетот и телефонските линии во Иран, следењето на протестите од странство е потешко.

Трамп веќе ја изрази својата поддршка за демонстрантите. Весниците New York Times и Wall Street Journal, повикувајќи се на анонимни американски официјални лица, објавија за време на викендот дека Трампу му биле претставени воени опции за напад врз Иран, но дека тој сè уште не донел конечна одлука.

Протести против иранската влада се одржаа синоќа во Вествуд, Лос Анџелес, каде што живее најголемата иранска заедница надвор од Иран.

Полицијата во Лос Анџелес интервенирала откако камион удрил во демонстранти. Едно лице било повредено, нема сериозни повреди, а возачот на камионот е уапсен.

Австралија денеска ги повика своите државјани веднаш да го напуштат Иран, со можност за затворање на воздушниот простор.

„Напуштете го Иран веднаш. Комерцијалните опции за заминување сè уште се достапни, но стануваат се повеќе ограничени. Во блиска иднина може да дојде до затворање на воздушниот простор и откажување на летови, што ќе го оневозможи подоцнежното заминување“, се наведува во предупредувањето на онлајн сервисот на Министерството за надворешни работи на Австралија.

Во предупредувањето се вели дека патување во Иран сè уште не се препорачува и дека државјаните на Австралија кои не го напуштат Иран се одговорни за својата безбедност.

Исто така, им се советува да бидат подготвени за подолг престој во засолниште и да обезбедат залихи на вода, храна и лекови.

Во предупредувањето се нагласува дека работата на австралиската амбасада во Иран е прекината и дека обезбедувањето конзуларна помош е „екстремно ограничено“.

„Безбедносната ситуација во Иран е исклучително нестабилна… Реакцијата на безбедносните сили кон протестите беше строга, а многу демонстранти и минувачи се повредени, убиени или притворени. Избегнувајте јавни собири и протести. Австралијците, вклучително и оние со двојно државјанство, се изложени на голем ризик од апсење“, се наведува во предупредувањето.