Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот објави дека ќе го угости турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Белата куќа на 25 септември, истакнувајќи дека очекува да склучи трговски и воени договори.
„Работиме на многу трговски и воени договори со претседателот, вклучувајќи голема набавка на авиони Боинг, голема зделка за авиони Ф-16 и продолжување на преговорите за авиони Ф-35, кои очекуваме да завршат позитивно“, напиша американскиот претседател на социјалната мрежа Truth Social.
Ердоган последен пат ја посети Белата куќа во 2019 година, за време на првиот мандат на Трамп, а односот меѓу двајцата претседатели беше полн со подеми и падови.
Иако за време на првиот мандат на Трамп, од 2017 до 2021 година, турскиот и американскиот претседател имаа добри лични односи, тој период беше обележан и со затегнати билатерални односи меѓу нивните две земји, поради врските на Вашингтон со курдските борци во Сирија и врските на Анкара со Москва.
Турција го налути кабинетот на Трамп во 2019 година со купувањето руски системи за противракетна одбрана С-400. Вашингтон реагираше на тој потег со откажување на планираната продажба на борбени авиони Ф-35 на Турција и со исклучување на таа земја од програмата за заедничко производство на споменатите авиони.
Подоцна, Турција се согласи на договор за купување борбени авиони Ф-16.
„Претседателот Ердоган и јас отсекогаш сме имале многу добри односи. Со нетрпение очекувам повторно да го видам на 25-ти (септември)!“, напиша Трамп во петокот.