Свет

Трамп му се закани на Медведев: „Кажете му на неуспешниот поранешен претседател да биде внимателен…“

Трамп му се закани на Медведев: „Кажете му на неуспешниот поранешен претседател да биде внимателен…“

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му се закани на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев да „внимава што зборува“ и го нарече „неуспешен претседател“.

„Русија и САД речиси и да немаат трговски односи. Ајде да го задржиме тоа така и да му кажеме на Медведев, неуспешниот поранешен претседател на Русија, кој мисли дека е сè уште претседател, да внимава на своите зборови. Тој влегува во многу опасна територија“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија претходно се потсмеваше на ултиматумот на Трамп до Кремљ, во кој американскиот претседател го скрати рокот за Русија да ја заврши војната во Украина и ѝ се закани со тешки економски последици.

„Трамп си игра со ултиматуми со Русија: 50 дена или 10. Треба да запомни две работи: Русија не е Израел, па дури ни Иран. Секој нов ултиматум е закана и чекор кон војна. Не меѓу Русија и Украина, туку со неговата сопствена земја. Не одете по патот на Поспаниот Џо!“, рече Медведев на платформата X, коментирајќи ја најавата на американскиот лидер за скратување на рокот од 50 дена што претходно го постави за постигнување примирје меѓу Москва и Киев.

Во друга објава, Медведев го нарече американскиот сенатор Линдзи Греам „дедо“, откако републиканскиот сенатор го советуваше да „седне на преговарачката маса“.

„Не е до тебе или Трамп да диктирате кога треба да седнеме на преговарачката маса. Преговорите ќе завршат кога ќе бидат постигнати сите цели на нашата воена операција. Прво грижи се за Америка, дедо!“, напиша Медведев.

Медведев беше премиер на Русија пред да го замени сегашниот претседател Владимир Путин на таа позиција од 2008 до 2012 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни