Свет

Трамп: Ние ќе управуваме со Ормускиот Теснец, а другите земји ќе ни плаќаат за тоа

Трамп: Ние ќе управуваме со Ормускиот Теснец, а другите земји ќе ни плаќаат за тоа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во понеделникот дека Соединетите Американски Држави најверојатно ќе ја преземат контролата врз операциите во Ормускиот Теснец и дека очекува другите земји финансиски да му надоместат на Вашингтон за заштитата на овој стратешки важен поморски премин.

„Ние ќе го чуваме. Ќе ни биде платено за неговото обезбедување – многу пари. Сакаме да ни се надомести тоа што ги изложуваме нашите луѓе на опасност“, изјави Трамп во интервју за „Фокс њуз“.

„Ќе бидеме ангел-чувар“

Трамп го обвини Иран дека го прекршил меморандумот за разбирање што, според него, САД и Иран го постигнале на 18 јуни.

„Имавме договор. Тие секогаш го прекршуваат. Ќе ги погодиме многу силно. Веројатно ќе управуваме со теснецот“, рече Трамп.

„Ќе бидеме ангел-чувар. Треба да ни биде платено за тоа“, додаде американскиот претседател.

Неговите изјави доаѓаат по новата ескалација на нападите меѓу американските и иранските сили. Иран во текот на викендот и денеска со ракети и беспилотни летала нападна американски воени објекти во повеќе земји од Персискиот Залив, додека американската војска изврши напади врз иранските системи за противвоздушна одбрана, крајбрежните радари, ракетните и беспилотните капацитети, како и врз помали пловни објекти.

Иран повторно објави дека го затворил теснецот

Иран во саботата повторно соопшти дека го затворил Ормускиот Теснец, тврдејќи дека причина за тоа било неовластено минување на едно пловило. Од Техеран порачаа дека пловидбата ќе остане запрена сè додека повторно не бидат воспоставени „стабилноста и мирот“.

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека редовната пловидба може да биде обновена само доколку престанат американските воени интервенции во теснецот. Истовремено предупреди дека продолжувањето на американските активности може да предизвика уште поголеми нарушувања на светскиот пазар на нафта и природен гас.

Од друга страна, Соединетите Американски Држави тврдат дека Иран нема контрола врз Ормускиот Теснец и дека американските сили се распоредени со цел да обезбедат слободна пловидба. Американската војска го поддржува преминувањето на бродовите по јужната рута долж брегот на Оман, но податоците од системите за следење на бродови покажуваат дека сообраќајот во последните денови е значително намален.

Еден од најважните поморски премини во светот

Пред почетокот на конфликтот, низ Ормускиот Теснец минуваше приближно една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас. Секоја закана за негово затворање директно влијае врз цените на енергенсите и ги зголемува стравувањата од нов бран на глобална инфлација.

Иран се обидува да воспостави сопствен систем за управување со поморскиот сообраќај и наплата за преминување низ теснецот, додека САД инсистираат на слободна пловидба и тврдат дека Техеран нема право еднострано да одлучува кој може да минува низ оваа важна морска рута.

Трамп минатата недела изјави дека смета оти прекинот на огнот е завршен, но не ја исклучи целосно можноста за продолжување на преговорите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни