Американскиот претседател Доналд Трамп, кој пристигна во Анкара на Самитот на НАТО, изрази големо разочарување од Алијансата. По пристигнувањето, каде што беше пречекан од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Трамп пред новинарите упати низа остри критики кон земјите-членки на НАТО, нивните издвојувања за одбраната и односите со САД. Во турската престолнина претходно пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавува „Скај њуз“.
На прашањето дали е задоволен од напредокот на Алијансата во однос на трошоците за одбраната, Трамп за време на средбата со Ердоган беше директен.
„Ќе видиме. Многу сум разочаран од НАТО“, рече тој.
„Искрено, доколку самитот не се одржуваше во Турција, каде што мојот пријател е исто така многу силен лидер, можеби немаше ни да дојдам“, додаде американскиот претседател.
Трамп го оцени самитот во Турција како „одлична работа“, но истакна дека кон Соединетите Американски Држави „не било постапено добро“ поради нивните активности во Иран.
„Не ни е потребна ничија помош, ниту пак ја барав“, изјави тој.
Трамп потсети дека САД вложиле „трилиони долари“ во НАТО.
„Зошто? За да ги заштитат европските земји и другите, како што е Канада. Велам, тоа е во ред, но би очекувале тие да бидат многу подготвени да направат нешто за да ни помогнат, а тоа не го направија“, рече тој.
Тој посебно се осврна и на постапките на поранешниот британски премиер Кир Стармер, за кого тврдеше дека направил непопуларен потег.
„Што се однесува до Обединетото Кралство, нивниот премиер… претпоставувам дека повеќе не е на функцијата, можеби и поради ова. Направи нешто што беше многу непопуларно. Рече: ‘Ќе помогнеме кога ќе заврши војната’. Му одговорив дека таква помош не ми е потребна“, изјави Трамп.
„Воопшто не ни беше потребна помош. На некој начин само ги тестирав луѓето. Сакав да видам дали навистина ќе бидат со нас“, заклучи американскиот претседател.