Тренчевска: Безбедните работни места значат продуктивни и задоволни работници

Работниците не треба само да земаат соодветна плата, туку треба да работат и во безбедна средина. Безбедните работни места значат продуктивни и задоволни работници, беше речено на денешниот настан по повод Европската недела за безбедност и здравје при работа што го организираа Министерството за труд и социјална политика, Советот за безбедност и здравје при работа, како и Канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје.

На настанот беше доделена и Националната награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа (БЗР), а ја добија компаниите „Макстил“ АД – Скопје, „Кнауф Радика“ АД – Дебар и „Комфи Ангел“ – Прилеп.

-Сметам дека безбедните работни места значат продуктивни и задоволни работници, затоа заедно, сите ние, компаниите, организациите и институциите, можеме да постигнеме да ги заштитиме работниците, заедно да ги одржуваме работните места и работните процеси, пред се здрави и безбедни за работниците, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Таа ја истакна важноста на заложбите на компаниите за ефикасно спроведување на законски утврдените мерки, правата и обврските, согласно, како што напомена, современите трендови, достигнувања, практики и искуства во областа на БЗР.

-Токму работодавачите и работниците се оние кои се директно вклучени во работните процеси и ги препознаваат предизвиците за кои сите заедно го пронаоѓаме решението, додека ние, креаторите на политиките и институциите одговорни за контрола на спроведувањето на мерките, како и стручните лица и професионалците, ја даваме својата поддршка со тоа што секогаш преку отворен дијалог ги дознаваме и препознаваме предизвиците со кои се соочуваат работниците и креираме политики што одговараат на потребите на лицата директно вклучени во процесите, подвлече министерката.

Според директорот на Фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија, Рене Шлее, работниците треба да бидат запознаени со своите права и да се заложуваат за нив во партнерство со синдикатите за унапредување на работните услови.

-Компаниите добитници на наградите се промотери на безбедната култура, авангарда и предводници, но сепак, се уште имаме пат пред нас во оваа област, истакна Шлее, нагласувајќи ја добрата соработка со Владата и поддршката што Фондацијата му ја дава на Министерството за труд за изработка на новиот законо за БЗР, националната стратегија и акцискиот план.

Претседателката на Советот за БРЗ Јасмина Чалоска рече дека ако работата е една од основните вредности на човекот, безбедната работа сигурно ќе ја зголеми таа вредност.

-Тврдам дека ние многу одамна ја поминавме фазата на имплементација на системите за безбедност и здравје при работа и многу сериозно работиме не само на нивно одржување, туку и на секојдневно подобрување преку барање иновативни решенија за креирање безбедно работно место, нагласи Чалоска.

По објавувањето на повикот во март годинава, за наградите се пријавиле вкупно седум компании во сите три категории: мали, средни и големи. Оценувањето го вршеле три комисии составени од стручни лица за БЗР и доктори по медицина на труд.