Македонија треба да воспостави систем во кој министрите и државните институции ќе бидат оценувани според конкретните резултати што ги постигнуваат, а не само според износот на потрошените буџетски средства.
Ова го предложи универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за реформите што смета дека се неопходни за подобрување на функционирањето на институциите.
Според него, во дел од развиените земји постојат механизми преку кои носителите на јавни функции добиваат јасно утврдени цели и обврски уште на почетокот на мандатот.
„Во голем дел од развиените земји имате министер на кој на почетокот му се дава мандатно писмо со десет цели. По тие десет цели министерот одговара на крајот на годината“, објасни Треновски.
Тој посочи дека ваквиот систем овозможува многу појасно мерење на успешноста на институциите.
„Министерот потпишува договор со Владата за она што треба да го испорача. Ако не го испорача, добива уште една година, а потоа следува одговорност и министерот се менува“, наведе професорот, опишувајќи пример на модел што се применува во други држави.
Треновски смета дека сличен пристап би можел да придонесе за подобро управување со јавните средства и поголема одговорност на носителите на јавни функции во Македонија.
Според него, особено е важно институциите да престанат да ја мерат успешноста само преку тоа колку пари потрошиле од одобрениот буџет.
„Треба точно да знаеме што се случува со секој денар. Не треба да бидеме чувари на касата и на парите, туку чувари на вредноста“, порача Треновски.
Професорот нагласи дека вистинското прашање е какви резултати се постигнати со јавните средства.
„Конечно треба да преминеме од мерењето колку сме потрошиле кон тоа што сме добиле за тие средства. Најдобро е малку да потрошите, а многу да добиете“, истакна тој.
Според Треновски, поголемата институционална одговорност, ефикасноста на администрацијата и јасните резултати од јавните политики се неопходни предуслови за економски развој и подобар животен стандард.