Три дена мештаните на Жабени без струја и вода, сточарите мака мачат со живината и млекото

Ова е Нади Алими, се занимава со сточарство и поголемиот дел од денот го поминува тука. Во неговата фарма.

Немањето на електрична енергија во последните денови на жителите од селото Жабени, Битолско им прави големи проблеми.

„Немаме струја од некни“

Како се справувате со земјоделските работи?

“Никако, со тешки маки“

Млекото?

„Поголемиот дел го фрламе, нема струја и се расипува. Што да правиме само Господ знае. Еве кравите јадат, млекото се фрла. Вчера за малку ќе ми го вратеа млекото, било малку расипано. Но, утре кога ќе дојде сигурно нема да го земе. Ќе речи дека е расипано“ – Нади Алими, жител на с. Жабени.

Штети имате?

„Имаме штети, фрижидерите се катастрофа. И месо ќе исфрлиме и се. Млекото исто така. Кравите нема со што да ги молзам. Еве ги оставив немолзени и заболеа, сега не можам ниту да ги лечам“.

Имате проблеми при продажбата на млекото?

„Па имаме, ако е расипано не го земаат и го фрламе“.

Истите проблеми пред камерата ги споделија и останатите мештани.

„Не знам што се случува. Се јавувам во ЕВН ми кажуваат имало дефект, но што сме ние криви за тоа? Од Социјалното ќе дојдат децата да ни ги земат, нема со што да ги топлиме, бидејќи имаме парно за кое мора струја. Немаме ниту вода“, изјави Кутим Думка, жител на с. Жабени.

„Имам 40 крави и нема со што да ги хранам сега. Млинот ми е на струја, не можам да мелам. Млекото го фрламе.“

Од ЕВН Македонија велат дека селото денеска добило струја.

“Поголемиот дел од дефектите се во регионот на Битола, претежно во планинскиот дел каде што прекините се предизвикани од кинење на проводниците од паднати дрва кои не можеле да ја издржат тежината на снежните наноси. Населеното место Жабени е веќе под напон, екипите на ЕВН се уште работат во ова населено место за да се санираат и неколкуте дефекти во нисконапонската мрежа. “ – ЕВН Македонија.

Снежната бура која го зафати овој регион, без напојување остави и делови од Кичево, Струга, Охрид, Демир Хисар и Битола.

Репортер: Јовица Пауноски

Извор: ТВ21