Три години затвор за трите лица поради создавање на дива депонија во реонот на Вардариште

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која тројца лица се прогласени за виновни поради создавање на дива депонија во реонот на Вардариште, спротивно на законските прописи за заштита на животната средина.

Според пресудата, осудените лица без потребните дозволи и документација вршеле откуп на старо железо и други материјали на импровизирани пунктови, свесни дека немаат правно основан субјект за таква дејност и дека нивната активност е во спротивност со Законот за управување со отпад.

Со ваквото постапување, тие создале диви депонии на подрачјето на Вардариште, при што предизвикале сериозна опасност по здравјето на луѓето, како и загадување на почвата и воздухот. Судот утврдил дека дејствијата на обвинетите придонеле кон дополнително деградирање на животната средина во овој дел на Скопје, кој и претходно бил еколошки чувствителна зона.

Судот ги осуди сите тројца на казна затвор од по три години, оценувајќи дека нивните активности биле свесни, континуирани и со значителни последици по јавниот интерес и здравјето на граѓаните.

Сите тројца се со семејства, не осудувани и не вработени, што се цени како олеснителна околност, додека тежината на кривичното дело и влијанието врз животната средина од кривичното дело се смета за отежителна.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.