Тригодишно момче кое беше нападнато од крокодил во зоолошка градина во Англија досега претрпело пет хируршки интервенции и го очекува долг и неизвесен процес на закрепнување, јавува „Би-би-си“.
Неговите родители соопштија дека во овој момент сè уште не може да се утврди во која мера детето ќе ја поврати функцијата и чувството во рацете, зглобовите и дланките, по сериозните повреди.
Инцидентот се случил на 18 јуни во зоолошката градина „Џонсонс оф Олд Харст“ во Кембриџшир, кога детето, заедно со семејството, било во посета на објектот. Според информации на „Би-би-си“, момчето било нападнато од најмалку еден крокодил.
Родителите наведуваат дека последните недели се исклучително тешки и дека практично постојано престојуваат во болница додека нивниот син се лекува. Тие им се заблагодарија и на донаторите кои собрале околу 30.000 евра за помош на семејството.
Податоците за состојбата на детето биле објавени преку страница за донации, отворена за покривање на трошоците за лекување, рехабилитација и финансиска поддршка. Според семејството, вистинскиот степен на повредите ќе биде познат дури по отстранување на гипсовите и завоите и почетокот на рехабилитацијата, која ќе биде долготрајна.
Полицијата во меѓувреме уапсила 30-годишен маж од Норфолк под сомнение за обид за убиство. Засега не се објавуваат детали за неговата поврзаност со инцидентот, а истрагата е во тек. Познато е дека лицето имало придружба од негуватели при посетата на зоолошката градина и, според првичните информации, не го познавало детето.