Албанските политики партии и СДСМ го поздравија објавувањето на Законот за употреба на јазиците во Службен весник. Веднаш откако претседателот на Собранието, Талат Џафери го потпиша законот, започна трката – кој е најзаслужен.
-Конечно успеавме да го заокружиме нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор со усвојување и објавување на Законот за употреба на јазиците. Достигнавме јазична еднаквост во Република Македонија, согласно Уставот, столбовите и нашите програмски ветувања – изјави Артан Груби од ДУИ.
Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири, на социјалните мрежи напиша дека заслужни за официјализирање на албанскиот јазик се граѓаните кои го поддржале концептот „Македонија, едно општество за сите“.
-Речиси една декада на власт со ВМРО ДПМНЕ глас не им се слушна. Денеска со толкава помпезност и пофалби сакаат да се китат со туѓи перја. Заслугите за отворање на вратите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, како и за официјализирањето на албанскиот јазик, им припаѓаат на граѓаните кои го прифатија концептот „Македонија – едно општество за сите“!!! – вели Мухамед Зеќири од СДСМ.
„Без еуфорија, ве молам. Граѓаните најдобро знаат кој работи за нивно добро“, вели Зеќири.
Од Алијанса за Албанците пак, велат дека треба да се сноси одговорност што Законот за јазиците една година бил заглавен во фиока.
-Мислам дека денеска не е тема и не треба да биде тема објавувањето на Законот во Службен весник, туку тема треба да биде дилемата – кои услови требало да бидат исполнети за по цела една година законот да излезе во Службен весник? Време е за добивање заслуги, бидејќи на граѓаните им е јасна улогата на секого во процесот на усвојување на Законот за албански јазик. Но, пред сѐ мислам дека е време да се сноси одговорност и да се даде сметка за тоа – зошто законот една година беше заглавен во фиоката на Собранието на Македонија? – вели Сурија Рашиди.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ му се заканија на директорот на Службен весник, Мартин Костовски, порачувајќи му дека објавувањето на законот за јазици е кривично дело за кое се лежи казна затвор.
Инаку, Законот за употреба на јазиците, во Собранието на Македонија беше усвоен на 11 јануари минатата година со 69 гласа.
Репортер: Зимер Јашари
