Белата куќа вечерва соопшти дека е во тек целосно уништување на „иранскиот терористички режим“, благодарение на израелско-американското бомбардирање.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави пред новинарите дека Иран „ќе плати за своите злосторства“.
„Во однос на Шпанија, мислам дека во вторникот гласно и јасно ја слушнаа пораката на претседателот Доналд Трамп и, колку што разбирам, во последните неколку часови се согласија да соработуваат со американската војска“, рече портпаролката на Белата куќа.
Трамп во вторникот се закани дека ќе ја прекине трговијата со Шпанија, бидејќи земјата и понатаму одбива да им дозволи на Американците да ги користат воените бази во Андалузија за изведување напади врз Иран.
Шпанскиот премиер Педро Санчес денеска изјави дека неговата земја се противи на војната во Иран.
„Шпанија е против оваа катастрофа. Сметаме дека владите постојат за да ги подобрат животите на луѓето, да понудат решенија за проблемите, а не да ги влошуваат животите на луѓето“, напиша Санчес на социјалната мрежа Икс.
Портпаролката на Белата куќа рече дека Трамп има намера да присуствува на церемонија за пречек и примопредавање на телата на шест американски војници загинати од почетокот на американско-израелските воздушни напади врз Иран, започнати на 28 февруари.
Датумот на таа церемонија сè уште не е утврден.
