Цената на нафтата денеска нагло порасна по новата ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран, при што северноморската нафта „Брент“ за првпат по подолг период ја надмина границата од 90 долари за барел, додека европските берзански индекси забележаа пад.
Цената на нафтата „Брент“ за испорака во септември на отворањето на берзите порасна за околу 2,5 отсто, надминувајќи 90 долари за барел. Американската нафта WTI за август поскапе за околу 2,3 отсто, достигнувајќи 84,38 долари за барел.
Германскиот индекс DAX падна за 0,24 отсто, францускиот CAC 40 се намали за 0,38 отсто, британскиот FTSE за 0,18 отсто, а московскиот MOEX забележа пад од 1,12 отсто.
Инвеститорите стравуваат дека продолжувањето на воените операции би можело сериозно да ги загрози испораките преку Ормушкиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта, пренесува CNBC.
Аналитичарот на компанијата „Квантум стратеџи“, Дејвид Роч, оценува дека светските резерви на нафта би можеле да се намалат на критично ниско ниво уште во септември.
Поради тоа, тој очекува цената на „Брент“ во наредните месеци да се зголеми во опсег од 95 до 105 долари за барел.
Европските фјучерси за гас за август денеска на отворањето на берзата TTF во Амстердам се продаваа по цена од 60,450 евра за мегават-час.
Вредноста на еврото во однос на доларот на девизниот пазар Форекс денеска изнесува 1,14469 долари.
Цената на златото падна на 4.016,54 долари за тројунца, додека цената на пченицата се намали на 6,7912 долари за бушел (еден бушел изнесува 27,216 килограми).