ЦЕНИТЕ на нафтата останаа во слабата трговија под нивото од 86 долари, попречени од загриженоста за кинеската побарувачка поради новиот бран коронавирус и претпазливоста на трговците во очекување на договор од западните земји за ограничување на цената на руската нафта.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за 22 центи повисока од вчерашното затворање на пазарот и изнесуваше 85,56 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 43 центи поскапо, по цена од 78,37 долари.
Трговците се загрижени поради ширењето на корона во Кина
Американските пазари беа затворени вчера за Денот на благодарноста, а намалениот обем на тргување продолжи и до денес. Трговците се загрижени за ширењето на корона вирусот во Кина, најголемиот увозник на нафта во светот.
Кина денеска објави нов рекорден број случаи, а градовите продолжуваат да спроведуваат мерки за спречување на новиот бран на ширење, ограничувајќи ја мобилноста. Ограничувањата почнуваат да ја намалуваат побарувачката за гориво, која се проценува дека е за околу 1 милион барели дневно пониска од просекот, пишува ANZ во белешката.
И пазарната структура во Лондон сигнализира слаба моментална побарувачка бидејќи цените на барелот со датумите на испорака следниот месец повторно паднаа кон оние со подолги датуми на испорака. Цената на барелите со рок на испорака од два месеци дури падна и под нивото на барели со подолги рокови, што сигнализира преголема понуда.
Целта е да се ограничат приходите за финансирање на руската инвазија
Трговците ги следат и разговорите меѓу претставниците на Г7 и Европската унија за ограничување на цената на руската нафта што се испорачува по море на 65 до 70 долари за барел, како што објави неименуван европски дипломат. Сè уште не е постигнат договор.
Целта е да се ограничат приходите на Москва за финансирање на руската инвазија на Украина и во исто време да се избегнат нарушувања на светските пазари на нафта. Предложениот опсег е во голема мера во согласност со цените што ги плаќаат купувачите во Азија, тврди Ројтерс.
Ембаргото на ЕУ за руската нафта стапува на сила на 5 декември
Ограничувањето на цената треба да функционира така што ќе им забрани на превозниците и осигурениците да работат со руската нафта доколку нејзината цена е повисока од утврдениот износ. Механизмот треба да се активира на 5 декември, кога стапува на сила ембаргото на ЕУ за руската нафта.
Се очекува дотогаш трговијата да биде претпазлива, а трговците ќе бидат воздржани пред новиот состанок на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините партнери, на кој повторно ќе се разговара за производствената политика на 4 декември. Во посебен извештај, ОПЕК објави дека цената на барел нафтена кошница на нејзините членки вчера паднала за 3,67 долари на 81,52 долари.