Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари паднаа под 107 долари, откако инвеститорите се смирија по пораките од Вашингтон за можен скорешен крај на конфликтот со Иран, како и по информациите за непречено минување на супертанкери низ Ормутскиот теснец.
На лондонскиот пазар барелот попладне се тргуваше по цена пониска за 4,44 долари во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 106,84 долари. На американскиот пазар цената беше пониска за 3,70 долари и изнесуваше 100,45 долари.
Пазарите беа смирени по пораките од Вашингтон поврзани со воениот конфликт со Иран. На почетокот на неделата американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „времето истекува“ за Иран, додавајќи дека „подобро е да реагираат брзо, инаку од нив нема да остане ништо“. Неколку часа подоцна, Трамп преку социјалните мрежи соопшти дека го одложил нападот врз Иран, кој, според него, бил планиран за претходниот ден, откако Техеран доставил мировен предлог до Вашингтон.
Тој оцени дека шансите за договор за ограничување на иранската нуклеарна програма се „многу добри“, додека во последните изјави наведе дека конфликтот ќе заврши „многу брзо“. Потпретседателот Џеј Ди Венс, кој го предводел американското делегација на преговорите во Исламабад, изјавил дека „работите се одвиваат во прилично добра насока“.
Ирански барања и услови во преговорите
Според извештаи на ирански медиуми, Техеран во најновиот предлог побарал прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучувајќи го Либан, повлекување на американските сили од базите во регионот околу Персискиот Залив, како и обештетување за последиците од разурнувањата.
Иранската листа барања вклучува и укинување на санкциите, одмрзнување на иранските средства во странство и прекин на американската поморска блокада, изјавил заменик-министерот за надворешни работи Казем Гариабади, пренесува агенцијата IRNA.
Движење низ Ормутскиот теснец
Иранската револуционерна гарда соопшти дека во изминатите 24 часа низ Ормутскиот теснец поминале 26 бродови, меѓу кои и нафтени танкери, во координација со иранските власти.
Според податоци од LSEG и Kpler, два големи кинески танкери со околу четири милиони барели нафта го напуштиле теснецот, додека јужнокорејски танкер исто така плови низ Ормут во координација со Иран, изјавил јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Хјун.
Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека кошничката на нафта на земјите-членки вчера поевтинела за 17 центи и изнесувала 118,13 долари за барел.