Цените на нафтата пораснаа на меѓународните пазари над 70 долари, поради шпекулации на инвеститорите дека новите санкции кон Русија би можеле да ја попречат испораката на дизел во Европа.
На лондонскиот пазар, цената на барел по пладне беше повисока за 93 центи во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 70,45 долари. Вчера трговијата заврши со раст од еден долар.
На американскиот пазар, денеска со барел се тргуваше по цена повисока за еден долар, односно 68,54 долари. Вчерашната трговија заврши со зголемување од 1,16 долари.
Нов пакет санкции за Русија
Трговците вчера беа вознемирени од нападите на проирански милиции врз нафтени постројки во ирачки Курдистан. Производството на нафта во тој дел од Ирак е преполовено – на околу 140.000 до 150.000 барели дневно – поради нападите со дронови што ја оштетиле инфраструктурата, изјавиле двајца енергетски претставници.
Пазарите сфатија дека снабдувањето е ранливо на напади со едноставна технологија, објасни Ендру Липоу од „Lipow Oil Associates“.
Вниманието на трговците го привлече новиот европски пакет санкции против Русија. Лидерите на земјите-членки на ЕУ постигнаа договор за мерки што вклучуваат и намалување на ценовниот лимит за руската нафта.
Осигурителните компании и превозниците повеќе нема да смеат да опслужуваат руски барели чија цена ја надминува подвижната граница, поставена 15 отсто под пазарниот просек.
Намален ценовен лимит за руската нафта
Новите европски санкции ќе го намалат ценовниот лимит за руската нафта на 47,6 долари, изјавиле дипломати за „Reuters“. ЕУ повеќе нема да увезува ни производи од руска нафта, иако забраната нема да се однесува на Норвешка, Велика Британија, САД, Канада и Швајцарија, додале тие.
Санкциите на ЕУ, според претставничката за надворешна политика Каја Калас на „X“, вклучуваат и најголемата рафинерија на руски „Роснефт“ во Индија.
Од почетокот на годината, ЕУ увезла околу 479.000 барели гориво дневно од Индија и Турција, најмногу тежок и лесен дизел, керозин и мазут, покажуваат податоците од компанијата „Kpler“. Индија е најголем увозник на руска нафта, а Турција е на трето место, според истите податоци.
Денеска, дизелот со ниско ниво на сулфур во фјучерсите на лондонскиот пазар беше поскап дури за 27,70 долари од нафтата. Ценовната разлика е зголемена за 3,50 долари – најмногу од февруари минатата година.
САД не го поддржаа европскиот пакет санкции
Поскапувањето сигнализира стравувања на пазарот дека Европа ќе остане без дизел кој го набавуваше од Индија, објаснува Јанив Шах од „Rystad Energy“.
САД не го поддржаа новиот европски пакет санкции, па се очекува нивната примена да остави бројни „дупки“.
„Влијанието на намалениот ценовен лимит и санкциите за танкерите, според нашите проценки, ќе биде ограничено. Цените на дизелот во Европа би можеле малку да пораснат поради поголеми логистички и транспортни предизвици (…), но влијанието врз трговијата ќе биде ограничено поради тешкотиите во спроведување на мерките“, изјави Алдо Спаниер од „BNP Paribas“.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) посебно соопшти дека барелот на кошницата нафтени сорти на нејзините членки во четвртокот чинел 69,94 долари, приближно исто како и претходниот ден.