Цените на светската нафта повторно во пораст

Цените на нафтата пораснаа денеска, на 9 април, откако Иран ги обвини Соединетите Американски Држави дека ги прекршуваат елементите од двонеделниот договор за прекин на огнот, што предизвика загриженост дека тензиите би можеле повторно да ескалираат и да го нарушат снабдувањето со енергија.

Стандардизираните финансиски договори со кои се тргува на Интерконтиненталната берза (фјучерси) за референтната нафта „Брент“ со испорака во јуни поскапеа за 2,08 отсто, достигнувајќи 96,83 долари, додека фјучерсите за американската сурова нафта „Вест Тексас Интермедиет“, со испорака во мај, пораснаа за 2,86 отсто на 97,27 долари, пренесува CNBC.

Овие движења доаѓаат еден ден откако американската сурова нафта забележа најголем еднодневен пад на цената од 2020 година, откако беше постигнат договор за двонеделен прекин на огнот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, пренесува Танјуг.

Да потсетиме, глобалните цени на нафтата нагло паднаа, додека акциите на берзите пораснаа откако во средата, на 8 април, САД и Иран постигнаа условен двонеделен договор за прекин на огнот, кој предвидува повторно отворање на клучниот поморски пат низ Ормускиот теснец.

Цената на референтната сурова нафта „Брент“ падна за околу 13 отсто на 94,80 долари по барел, додека американската нафта забележа пад поголем од 15 отсто и се тргуваше по цена од 95,75 долари, пренесе вчера BBC.