Македонија

Туризмот бележи раст од 40 отсто – Мицкоски ги посочи владините мерки како причина

Туризмот бележи раст од 40 отсто – Мицкоски ги посочи владините мерки како причина

Македонија бележи значителен раст во туристичкиот сектор, а владините мерки за привлекување гости почнуваат да даваат резултати, оцени премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека зголемениот број пристигнувања на македонските аеродроми и растот на странските туристички посети се потврдени и во извештајот „Tourism Watch“ на Светска банка.

„Имаме голем скок кај доаѓањата на нашите аеродроми. Светска банка во последната едиција на овој извештај ја рангира Македонија како прва земја во Европа според зголемениот процент на доаѓања на гости, како и растот на странските доаѓања и ноќевања“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, растот во туристичкиот сектор изнесува околу 40 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Тој оцени дека ова претставува значајно признание за земјата, особено поради влијанието што туризмот го има врз економијата и учеството во бруто-домашниот производ.

„Очекувам овој раст да се забележи и во БДП во вториот квартал од оваа година“, рече Мицкоски.

Од Владата посочуваат дека продолжуваат активностите за промоција на Македонија како туристичка дестинација и привлекување нови посетители од странство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни