Свет

Турската опозиција со нов лидер

Турската опозиција со нов лидер

Главната турска опозициска формација – Народно-републиканската партија (НРП) синоќа го избра 49-годишниот Озгур Озел за нов претседател, со што му заврши 13-годишниот мандат на претходниот лидер Кемал Кулчдароглу. Ова доаѓа додека Турција се подготвува за важни локални избори во март 2024 година.

Од 2011 година Јозел е пратеник, а од 2015 година е заменик претседател на пратеничката група на НРП. Тој ја објави својата кандидатура во септември, откако Кулчдароглу и НРП претрпеа крупен пораз од претседателот Тајип Ердоган и неговиот владејачки политички сојуз на претседателските и парламентарните избори во мај.

Озел доби 812 од 1.366 можни гласови на напнатиот, повеќечасовен партиски конгрес во Анкара, во два круга гласање.

„Ова е најголемата чест за мене во мојот живот“, рече Јозел по објавувањето на резултатите и му се заблагодари на Кулчдароглу за неговата работа во партијата. „Го тргнуваме патот до победата на локалните избори“, додаде тој.

„Верувавме во претворање на безнадежноста во надеж, полни сме со надеж“, рече Јозел, опкружен со навивачки членови на партијата, стоејќи до градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.

По поразот на изборите, Кулчдароглу беше под тешки критики за неговото одбивање да се повлече од функцијата лидер на Турската народна партија, основана од основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк. За време на неговите 13 години на чело на партијата, таа не успеа да го надмине историскиот плафон од 25% поддршка на национално ниво.

„До денес со чест го носев аманетот на нашиот голем водач Ататурк. И денеска со одлуката што ја донесоа делегатите на нашиот конгрес се збогувам од функцијата претседавач“, изјави Кулчдароглу на платформата „Х“ по објавувањето на резултатите и му честиташе на Јозел.

Озел сега ќе ја води НРП на локалните избори на 31 март, каде партијата се надева дека ќе ги задржи клучните општини освоени во 2019 година, вклучувајќи го главниот град Анкара, најголемиот град Истанбул и другите поголеми градови.

Новиот претседател на НРП е избран на дводневниот вонреден партиски конгрес што почна вчера.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни