Македонија

Тутунарите да внимаваат на влажноста и класите, во спротивно може да добијат пониска цена

Тутунарите да внимаваат на влажноста и класите, во спротивно може да добијат пониска цена

Правилната подготовка на тутунот пред предавањето на откупните пунктови може да направи значителна разлика во неговата конечна вредност. Со почетокот на откупната сезона, компанијата СЕКЕ ги потсети тутунопроизводителите на правилата за пакување, складирање и одржување на квалитетот, предупредувајќи дека невниманието во овие постапки може да доведе до финансиски загуби.

Особено внимание треба да се посвети на влажноста на тутунот. Од компанијата информираат дека за тутун со влажност до 16 проценти нема одбивање од измерената тежина. Кај тутунот со влажност над 16, а до 20 проценти, вишокот влага се одбива од тежината.

Тутунот со влажност над 20 проценти, како и оној што дополнително бил прскан со вода, нема да биде откупен. Затоа, производителите треба да ја проверат влажноста пред да го спакуваат и предадат родот.

Важна препорака е и одделното пакување на тутунот според бербата и класата. Во една кутија треба да се става тутун само од иста берба и со ист квалитет. Доколку се измешаат различни класи, целата количина може да биде проценета според најниската застапена класа, што директно ќе се одрази врз откупната вредност.

Пред пакувањето, потребно е внимателно да се отстранат сите туѓи материјали, меѓу кои пластика, метал, конци, остатоци од ракавици, гума, пердуви, цветови, плевел, инсекти и стакло.

Од СЕКЕ препорачуваат и спакуваниот тутун да се чува во чисти простории, подалеку од хемиски препарати, горива и простории во кои има добиток. Дополнително, предупредуваат дека тутунот не треба да се третира со хемиски средства при пакувањето.

„СЕКЕ се грижи за вашиот труд. Не дозволувајте невниманието при пакувањето да ја намали вредноста на она за што сте работеле цела година“, порачуваат од компанијата.

Со почитување на овие препораки, тутунопроизводителите можат да го зачуваат квалитетот на произведениот тутун и да избегнат непотребни одбитоци при откупот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Една година од почетокот на судењето за „Пулс“ – кои одговори ги чекаат родителите? | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни