Македонија

ТВ21 во Чегране: Жителите не сакаат каменолом, формиран „Отпор“

На еден километар од куќите во село Чегране, дадена е дозвола за отворање на каменолом. Предвидено е планините да се раскопаат, но жителите се противат. Не сакаат да им се руши мирот и природата со експлозии и прашина.

„Тука ќе биде катастрофа. Керамидите ќе бидат една педа со прашина. Децата нема да можат да излезат надвор и да дишат. Каде им е паметот на нашите министри. На сите им фали по нешто“.

„Ќе имаме проблем со прашината а и мините ќе бидат проблематични. Како што направија во Лабуништа, така ќе направат и кај нас“.

„Јас сум против бидејќи ќе има големи потреси, до кршење на стаклата. Стравот на децата. Можно е да има последици“.

Имамот на едната џамија во Чегране, вели дека досега не слушнал дека некој од жителите е за отворањето на каменоломот.

„Не знам дека некој е „за“. Би сакал да знам кој е „за“ отворање на каменолом“, вели Имамот Латиф Амети.

Неколку жители формирале група „ Отпор “ за да се спротивставаат на ископот на планините. Селајдин Абдули, го покажа просторот на кој е предвиден каменолом.

„Првично компанијата го зема само просторот. Станува збор за два километри во права линија, од таму горе, до долу. Станува збор за простор од два километри и во вертикална линија, колку што опфаќа планината, 1 километар простор“, вели Селајдун Абдули од „Отпор“.

За заштита на планините, „ Отпор“ направи петиција, а велат дека се подготвени и за протести.

„Чегране има над 10 илјади жители, можеме да собереме околу 5 илјади потписи и ќе организираме протести пред влада или пред Министерството за економија доколку е потребно“, вели Садри Салиу од „Отпор“.

Министерството за економија додели концесија откако доби мислење од 7 компетентни институции, вклучително и општина Гостивар каде припаѓа Чегране. Всушност, по позитивното мислење на Невзат Бејта во 2014 година, кога на чело на Гостивар дојде Арбен Таравари, во октомври 2018 година даде негативно мислење за концесијата. По еден месец се предомислува, и даде позитивно мислење. Минатата недела Таравари повторно се предомисли и побара од Владата да ја повлече одлуката. Според него, позитивното мислење го дал базирајќи се на зборовите од локалната заедница на Чегране, дека може да се најде заеднички јазик со инвеститорот, но потоа жителите излегоа против каменоломот. Меѓутоа според министерот за економија, Крешник Бектеши, овие написи не важат бидејќи е донесена одлука од Владата.

„Носителите на јавни функции не треба да манипулираат со документи, денеска тие не важат бидејќи самата локална самоуправа на с. Чегране може да достави писмо дали концесионерот работи или не врз база на потпишаниот договор“, рече Крешник Бектеши.

Градоначалникот, Арбен Таравари настојува дозволата да се укине, а вели дека подготвен да им се придружи на можните протести на жителите, но и да даде половина од парите во случај компанијата да бара оштета.

„По ниту една точка општина Гостивар нема вина освен за едно дадено мислење, бидејќи сите други 15 мислења ги даде владата. Еве кажувам јавно дека о. Гостивар е подготвена, ако треба да плати некаква казна, да ја подели со владата таа казна што треба да му се плати на инвеститорот, само да бидат спокојни жителите на Чегране“, рече Таравари.

Страните се изјаснија дека се подготвени во следните денови да седнат и да ги соочат своите ставови, за или против каменоломот.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни