Македонија

ТВ21 во Сеизмолошката опсерваторија: „Итно се потребни сеизмолози“

Серијата земјотреси во Албанија беа почувствувани и во Македонија. Работниот ден за една од трите сеизмолози во сеизмолошката опсерваторија во Скопје, Катерина Дрогрешка започна многу по рано и невообичаено.

„Нема проблем, може да не контактирате на било кој телефонски број, јас сум тука од 4:30 утрово“.

Кога нашата екипа ја посети околу 7 часот, таа беше сама. Одговараше на телефонските повици на вознемирените граѓани.

„Навистина беше силен земјотресот и ние очекувавме дека ќе има афтершокови“.

Иако кубурат со кадар, тие се тим кој функционира. За брзо се собраа. ТВ21 заедно со еден од вработените отиде во посета на подрумот, каде се сместени инструментите кои секое утро се проверуваат. Се менува хартија, се отчитуваат податоци.

Земјотресот бил јак, излетале иглите од лежиштето на двата стари инструменти кои се користат покрај модерната технологија.

„Кога има јаки земјотреси, ова не е за мали. Овој инструмент го има регистрирано и скопскиот земјотрес во 1963 година и тогаш излета иглата. Утрово се случи повторно да излета“.

Направивме и симулација на земјотрес, за да видиме како функционира инструментот наречен Мајнка кој во Македонија го има 60-тото произведено парче од целиот свет.

„Кога има земјотрес, земјата се тресе, а тегот останува мирен. А сега јас ќе симулирам земјотрес. Ќе го занишам тегот и погледнете ја иглата“.

„Бидејќи утринскиот земјотрес бил јак, иглата излегла од местоположбата“.

Податоците од овие инструменти се запишуваат на чадена лента, а таа пак се менува на секои 24 часа.

„Ова пак е најновата генерација на инструменти. Сите регистрации кои што ќе дојдат кај нив се складира и потоа дигитално се обработуваат и се испраќаат во мрежата и ги имаме на компјутер како дигитален запис“

Новинар: Се вклучи алармот, дали тоа значи дека моментално има земјотрес?

„Да, сега има земјотрес. И јас сега ќе го исклучам алармот. Ако не се повтори, значи е слаб земјотрес. Ако повторно се активира значи земјотресот е по јак и по долго трае.“

Зградата во која се мерат овие податоци има платформа која е посебно изработена со длабочина повеќе од 4 метри. Ова помага за вибрациите да доаѓаат чисто до сензорите, без надворешни влијанија.

Го има и овој инструмент, за екстремно јаки земјотреси. Сеизмолозите велат дека досега не проработил, а се молам и тоа да не се случи.

„Ова реагира која ќе се сруши се. Реагира на земјотрес кој може планини да помести. Тогаш се е срушено, само ова останува и може да даде податоци само од кој правец дошла енергијата“

Опрема за работа има, но од некогашните 18, сега има само 3 сеизмолози во сеизмолошката опсерваторија.

„Вакво нешто како во Албанија што имаме се случеше во Македонија, не знам како ќе се одвиваше сето тоа, бидејќи ќе беше невозможно да се изработи. Итно ни требаат 3 сеизмолози, а 5-6 доколку би имале би било оптимално.“, вели Драгана Черних-Анастасовска.

Сеизмолошката опсерваторија, покрај земјотресите, врши контрола и врз браните на акумулациите.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни