Во Народната банка на Република Македонија денеска ќе се одржи Конференција за означување на почетокот на проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, финансиран од Европската Унија (ЕУ).
На Конференцијата предвидено е обраќање на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вицегувернерката на НБРМ, Емилија Нацевска, шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар и амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих.
Целта на овој Твининг лајт проект на ЕУ е да се поддржи воспоставувањето цврст и ефикасен систем за заштита на националните финансиски интереси и на финансиските интереси на ЕУ, преку ефикасно следење на фалсификувањето евра. Тој опфаќа анализа на функционирањето на системот за борба против фалсификување банкноти и монети, утврдување на неговите недостатоци и препораки за негово подобрување. Проектот придонесува за зајакнување на соработката со сите релевантни домашни и странски институции.
