Удар од гром на Алпите усмрти 97 овци во швајцарскиот кантон Вале, додека околу 80 животни преживеале, објави во саботата новинската агенција „Keystone-SDA“.
Животните во моментот на ударот биле собрани едно до друго во ограден простор, што порано било невообичаена практика, но денес е неопходно за заштита на стадата, изјавил сопственикот на овците за „Keystone-SDA“.
Одгледувачите на овци со години предупредуваат на брзото зголемување на популацијата на волци, која претставува закана за нивните стада и ги принудува да преземаат заштитни мерки што претходно не биле потребни.
Громот удрил на надморска височина од 2.503 метри
За несреќата првично информираше интернет-порталот „Pomona“. Според одгледувачот, угинатите животни биле пренесени од планината во долината со хеликоптер.
Инцидентот се случил во текот на ноќта на алпско пасиште на врвот Егерхорн, на надморска височина од 2.503 метри, во долината Бин, јужно од реката Рона. До несреќата дошло по силните грмежливи невремиња што зафатија голем дел од Швајцарија по подолгиот топлотен бран.
Метеоролошката служба SRF Meteo до четврток навечер регистрирала дури 26.000 удари од гром за само неколку часа.
Заштитена швајцарска раса
Црноносата овца е автохтона швајцарска раса, карактеристична за регионот Вале. Препознатлива е по завитканите рогови, густото бело руно, црните дамки околу очите и црната муцка.
Оваа раса е високо ценета поради квалитетната волна и месото, а со пасењето има важна улога во одржувањето на планинскиот пејзаж, бидејќи ја одржува тревата ниска на стрмните алпски пасишта.