Поради несогласување со последните донесени ковид мерки од страна на Владата, угостителите од вторник излегуваат на протест. И во моментов дел од угостителите не работат во знак на протест, а на нивните работни места стои известување на кое пишува дека гостите нема да ги делат и селектираат на вакцинирани и невакцинирани, па токму поради тоа одлучиле да го затворат локалот.
Прва најава за протест на угостителите пристигна од Струмица.
-Од вторник од 11:00 часот до 13:00 часот, секој ден во знак на незадоволство ќе настапиме со блокирање на улиците во Струмица како и влезовите на градот. Ги бараме повторно претходните мерки за слободен влез на невакцинирани и вакцинирани, бидејќи со моменталните мерки се создава само поделба на граѓаните. Ние не сме тие што ја шириме короната и затоа бараме владата да го прифати нашето барање. Во спротивно ќе настапиме и со поостри мерки, велат од Угостителското здружение од Струмица.
Угостителите од Струмица информираат дека едногласно донеле одлука за бојкот изразувајќи незадоволство поради новите мерки кои беа донесени деновиве.