УЈП со засилени контроли кон градежните компании поради нереално ниски цени на станови

Управата за јавни приходи најави засилени даночни контроли во градежниот сектор, насочени кон откривање на, како што наведуваат, „ризични состојби“ во работењето на дел од компаниите.

Меѓу приоритетите за контрола се продажба на станови по истекот на пет години од изградбата, склучување договори со нереално ниски продажни цени, непријавени вработувања и ангажмани, големи разлики меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи, издавање фактури без прибелешки во јавните книги и неправилна примена на механизмот за пренос на даночната обврска (reverse charge).

Како дел од Планот за подобрување на усогласеноста во градежниот сектор, кој стартуваше во јануари годинава, УЈП веќе испрати 318 персонализирани известувања до компании со повик да извршат корекција на одбивката на влезниот ДДВ во случаи кога продажбата се врши по пет години од изградбата. Според законската рамка, првиот промет на станови во рок од пет години од изградбата се оданочува со повластена стапка од 5% ДДВ, додека продажбата по тој рок е ослободена од ДДВ, но без право на одбивка на претходно платениот данок.

Од УЈП апелираат градежните компании доброволно да се усогласат со законските прописи, со цел да се избегнат казнени мерки и дополнителни контроли, а со тоа да се обезбеди фер конкуренција и заштита на буџетските приходи.