Украинската служба за безбедност (СБУ) објави снимка за која тврди дека прикажува напад врз руска подморница од класата 636.3 „Варшавјанка“ во пристаништето Новоросијск. СБУ наведува дека ова е прв напад изведен со подводни дронови „Sub Sea Baby“ и дека подморницата претрпела критични оштетувања и е оневозможена за понатамошна служба.
Погодената подморница, која НАТО ја класифицира како класа „Кило“, е вооружена со четири лансери за крстосувачки ракети „Калибр“, кои руските сили ги користат за напади врз украинска територија.
Како што соопштува СБУ, успешната акција е заеднички потфат на 13. Главна управа на воената контраразузнавачка служба на СБУ и украинската Воена морнарица.
Скапа „Црна дупка“
Вредноста на подморница од класата „Варшавјанка“ се проценува на околу 400 милиони американски долари. Сепак, поради меѓународните санкции воведени кон Русија, изградбата на нова ваква подморница денес би можела да чини и до 500 милиони долари.
Оваа класа подморници е позната и под прекарот „Црна дупка“ поради исклучителната способност на трупот да апсорбира звуци, што ја прави многу тешка за откривање со сонари.
Уништената подморница била стационирана во пристаништето Новоросијск откако претходните успешни напади на украинските површински поморски дронови „Sea Baby“ ги истиснале руските бродови и подморници од Севастополскиот Залив на Крим.
