Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека заштитата на украинските граници е „постојан приоритет“ и дека неговата земја е подготвена за сите можни сценарија со Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, пренесе Ројтерс.
„Заштитата на нашата граница и со Русија и со Белорусија е наш постојан приоритет“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање. „Се подготвуваме за сите можни одбранбени сценарија“, додаде тој.
Неговите коментари доаѓаат во пресрет на посетата на Белорусија на рускиот претседател Владимир Путин во време на дискусии за можна нова офанзива од Москва и шпекулации дека таа би можела да дојде од Белорусија, забележува агенцијата.
Во своето обраќање Зеленски упати нов апел до западните земји да и обезбедат на Украина ефикасна воздушна одбрана. Тој, исто така, рече дека неговите сили го држат градот Бахмут во источна Украина, каде што се водат некои од најжестоките борби.
Тој, исто така, рече дека електричната енергија е вратена на уште три милиони Украинци по најновите руски напади врз инфраструктурата, со што вкупниот број на граѓани со обновена електрична енергија се искачи на девет милиони во изминатите два дена.
„Снабдувањето со електрична енергија беше обновено за уште три милиони Украинци. Плус шест милиони вчера. Тоа значи дека по терористичките напади во петокот веќе имаме резултат за над девет милиони луѓе“, посочи украинскиот претседател.
Русија во петокот истрела повеќе проектили врз енергетската мрежа на Украина, при што загинаа најмалку три лица, а беа оштетени девет енергетски објекти.
Утринава во воздушниот простор на Киев беа соборени девет дронови
Девет беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство се соборени утринава во воздушниот простор на Киев, објави воената управа на главниот град на Украина во објава на Телеграма, пренесе Ројтерс.
„Воздушната тревога продолжува во Киев“, додаде администрацијата. „Непријателот го напаѓа главниот град со камикази беспилотни летала Шахед. ПВО е во акција.
Во Киев рано утринава се слушнале силни експлозии.
Удри по руските позиции
Вчера украинските воздухопловни сили уништија најмалку две руски складишта за муниција и позиции на системи за противвоздушна одбрана за време на борбите во источниот дел на Украина, соопшти украинскиот Генералштаб, цитиран од ДПА.
Во текот на операцијата, воздухопловните сили извршија неколку мисии, но штабот не ја појасни точната локација на местата за кои станува збор.
Русија претрпе големи загуби во жестоките борби во областа на градот Бахмут во Донбас, каде руска единица од 400 до 800 мажи беше изненадена во внимателно подготвена заседа и „нокаутирана“, изјави во Киев претседателскиот советник Олексеј Арестович.
Градот Доњецк кој е под руска контрола, исто така, денеска неколкупати беше под оган. Погодена е болница, јави ТАСС, повикувајќи се на сепаратистичките власти. Избувнал пожар, а персоналот и пациентите биле евакуирани. Шефот на самопрогласената Народна Република Доњецк, Денис Пушилин, на социјалната мрежа Телеграм напиша дека има ранети пациенти; еден од нив потоа починал, според него.