Украинската армија соопшти дека успеала да ги одбие жестоките руски напади врз Бахмут и покрај руските тврдења дека источната половина од градот е под контрола на Москва и изјавата на шефот на НАТО дека Бахмут може да падне за неколку дена, објави Ројтерс.
„Непријателот продолжи да напаѓа без да даде знаци за запирање на нападот врз Бахмут“, се вели во резимето на ситуацијата на бојното поле во текот на изминатите 24 часа, објавено од Вооружените сили на Киев на нивната Фејсбук страница. „Нашите бранители ги одбија нападите на Бахмут и околните населени места.
Претседателот Володимир Зеленски во своето вечерно видео обраќање на следниов начин коментираше за битката за Бахмут и за Донбас во целина: „Ова е наш прв приоритет“.
Евгениј Пригожин, основачот на руската приватна воена компанија Вагнер, изјави дека неговите борци го зазеле источниот дел на Бахмут.
„Сè источно од реката Бахмутка е целосно под контрола на Вагнер“, рече тој на социјалната мрежа Телеграм.Реката Бахмутка го преполовува Бахмут, а центарот на градот се наоѓа на западниот брег на реката.
Ројтерс забележува дека не може да ја потврди ситуацијата на терен.
Русија внесува повеќе војници во битката за Бахмут, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Стокхолм.
„Тие претрпеа големи загуби, но во исто време не можеме да ја исклучиме можноста Бахмут на крајот да падне во наредните денови“, рече Столтенберг.
Тоа не мора да значи пресвртница во војната, додаде тој, но покажува дека „не треба да ја потценуваме Русија“.