Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во вторникот дека Русија користи се што и е на располагање во битката за четири града во источниот украински регион Донбас, пренесе Асошиетед прес.
„Ситуацијата во Донбас е многу тешка“, рече Зеленски во вечерното обраќање до нацијата.
„Практично целата моќ на руската армија, сè што остана од нив е фрлена во офанзивата таму. Лиман, Попасна, Северодонецк, Славјанск – окупаторите сакаат да уништат сè таму“, рече тој.
Зеленски рече дека украинската армија ги одбива нападите, но „ќе биде потребно време и многу повеќе напор од страна на нашиот народ за да се надмине нивната предност во количината на опрема и оружје“.
Тој им рече на Украинците дека треба да се гордеат што ѝ се спротивставија на Русија три месеци во војната што многумина во Русија и на Запад очекуваа да трае три дена.
Зеленски повика на уште повеќе западно оружје за да ја задржи Украина во битка, вклучително и повеќе ракетни фрлачи и тенкови.
Во своите изјави, Зеленски го исмеваше рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој во вторникот рече дека Русија намерно ја одложила својата офанзива за да им даде време на жителите на опколените населби да се евакуираат.
