Унгарија денеска го блокираше огромниот пакет помош од ЕУ за Украина. Тоа се случува кога премиерот Виктор Орбан се обидува да изврши притисок врз Брисел да му обезбеди милијарди евра замрзнати средства.
Будимпешта ја исполни својата закана да се спротивстави на финансиската помош за воено разурната Украина во износ од 18 милијарди евра за време на состанокот на министрите за финансии на ЕУ во Брисел, пренесува БГНЕС.
Толку потребната помош за Киев е една од неколкуте иницијативи што Будимпешта ги спроведе додека се соочува со замрзнување на 13 милијарди евра од фондовите на ЕУ за блокот поради нејзиниот неуспех да се бори против митото и да ја обезбеди независноста на судството.
Унгарија, исто така, стави вето на долгогодишниот притисок за воведување минимален корпоративен данок на ниво на ЕУ.
Чешкото претседателство со ЕУ рече дека ќе се обиде да најде начин останатите 26 земји-членки да ја заобиколат опозицијата на Унгарија и да му обезбедат финансиска поддршка на Киев.
„Нема да бидеме обесхрабрени. Нашата амбиција останува да започнеме со исплата на помош за Украина на почетокот на јануари“, рече чешкиот министер за финансии Збинек Стањура.
Првично се очекуваше денеска министрите за финансии на ЕУ да го дадат својот одговор на препораката на Европската комисија за замрзнување на средствата за Унгарија.
Сепак, прашањето беше повлечено поради тековните спорови, при што некои земји од ЕУ бараат од Комисијата да го омекне својот цврст став кон Будимпешта.
Владата на Орбан вети дека ќе преземе голем број реформи што ги бара ЕУ, но не го убеди Брисел дека прави доволно.
Европските дипломати рекоа дека унгарските пратеници ќе се состанат оваа недела за да донесат повеќе закони кои би можеле да го доближат до исполнување на тие реформски цели.
Дипломатите рекоа дека од Комисијата била побарана следната недела да обезбеди „апдејт“ за реформите во Унгарија, што е можен знак дека се бара излез од ќор-сокакот.
Земјите-членки на ЕУ имаат рок до 19 декември да гласаат дали ќе ја поддржат, отфрлат или променат препораката на Комисијата.
Прашањето може да биде одложено до крајниот рок и да се дискутира на лидерскиот самит во Брисел на 15 декември.