Македонија

УНИЦЕФ и МОН за настава со физичко присуство, Таравари бара одложен старт на учебната година

Министерството за образование и наука и министерката Мила Царовска не е на ист став со докторите кои секојдневно се во борба со коронавирусот. Од министерството се за почеток на учебната година на 1-ви септември со физичко присуство, а ваквото мислење денеска го поддржаа и од УНИЦЕФ, но со ова не се согласува градоначалникот на Гостивар д-р Арбен Таравар.

„Мислам дека треба учениците да одат во училиште, меѓутоа бројките се загрижувачки. Факт е дека бројките се покачуваат и во Германија, Америка, Косово, Албанија и Бугарија, но доколку гледате процентуално во однос на бројот на жители во Македонија тоа е екстремно покачување, затоа можеби треба да размислуваме за одложување 3-4 недели. Можеби некој хибриден начин на одење, еден ден да одат, еден ден не, но тоа нека го кажат експертите и комисијата за заразни болести“

рече Таравари

Царовска вели дека ако има различни инструкции за општото дејствување во одреден регион, и МОН ќе се приспособи на тоа, но истакнува дека во моментов нема такво нешто и затоа Министерството продолжува на национално ниво да спроведува образовна политика со ист интензитет и иста пракса

„Јасно е во програмата прикажано и во одлуката на Владата дека од немедицински причини за кои училиштето ќе има доволно аргументација да одлучи за тоа. Нема да одлучува Министерството за образование и наука, Владата, сепак станува збор за индивидуални случаи, за ретки случаи кои во училиштата ќе треба да приложат аргументација како родители или како старатели, во зависност кој ќе дојде да разговара во училиштето. И самото училиште, заедно со наставничкиот колектив и директорот ќе одлучува за секое поединечно барање што ќе пристигне во училиштето“,

рече Царовска.

Со поддршка за старт на учебната година се и од УНИЦЕФ. Тие ја поздравуваат одлуката на Владата за отворање на училиштата за сите деца во септември. Ова, според нив, особено охрабрува, бидејќи Македонија го забележа најдолгото затворање на училиштата за учење со физичко присуство, при што мнозинството ученици посетуваа настава на далечина вкупно 54 недели, додавајќи дека оваа бројка е значително повисока од просекот од 25 недели во регионот на Европа и Централна Азија.

„Сфаќаме дека одлуките за отворање на училиштата се разгледуваат во контекст на епидемиолошката состојба со КОВИД-19 и на нашето сѐ поголемо разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот, но, училиштата секогаш мора последни да се затворат и први да се отворат, кога тоа е безбедно“

додаваат од УНИЦЕФ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни