Европската Унија се соочува со период на големи предизвици, но истовремено има значителни можности за економски развој, енергетска независност и поголема безбедност, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во годишното обраќање пред Европскиот парламент.
Таа оцени дека ЕУ денес е во стабилна позиција, но нагласи дека европските земји мора да продолжат да работат на намалување на зависноста од фосилните горива од Русија, трансформација на индустријата и зајакнување на сопствените одбранбени капацитети.
Економијата и цените на енергијата
Говорејќи за европската економија, фон дер Лајен посочи дека европската економија ги издржала последиците од војната на Блискиот Исток, додека стапката на невработеност останува ниска. Сепак, според неа, високите цени на горивата претставуваат дополнителен притисок за европскиот бизнис.
Таа нагласи дека Европа располага со голем единствен пазар, значителни заштеди и еврото како една од водечките светски валути. Целта, како што посочи, е создавање економија заснована на иновации и инвестиции, со забрзување на активностите за исполнување на поставените цели.
Фон дер Лајен се осврна и на енергетската независност, посочувајќи дека Европа треба да развива домашно производство на електрична енергија, вклучително и преку нуклеарни и чисти енергетски капацитети. Според неа, зголемувањето на домашното производство би придонело за намалување на цените и зависноста од увоз на фосилни горива.
Конкурентност на европските компании
Претседателката на Европската комисија истакна дека европските компании треба да имаат услови за натпревар на глобалниот пазар, вклучително и со кинеските компании.
Во тој контекст, таа посочи дека ЕУ продолжува со дијалогот со Пекинг со цел постигнување побалансирани трговски односи.
Фон дер Лајен оцени и дека на Европа ѝ е потребна посилна и поинтегрирана банкарска структура, како и поголем капацитет за привлекување приватен капитал. Во таа насока беше споменат и фондот „Scale Up“.
Климатските промени и природните катастрофи
Климатската криза беше уште една од темите во годишното обраќање. Фон дер Лајен потсети дека Европа во текот на летото беше погодена од пожари и топлотни бранови, додека топењето на глечерите продолжува.
Таа најави нова рамка за климатска отпорност, која треба да ги опфати најранливите региони во Европа. Најавен е и посебен план за справување со топлотните бранови.
Во говорот беа опфатени и прашањата за безбедноста на храната и достапноста на водата, како и потребата од подобра превенција и координација меѓу службите при појава на шумски и други пожари.
Фон дер Лајен за развојот на вештачката интелигенција
Фон дер Лајен се осврна и на брзиот развој на вештачката интелигенција, оценувајќи дека таа може да го подобри квалитетот на животот доколку се применува на соодветен начин.
Сепак, таа повика на внимателен пристап кон развојот на најнапредните модели на вештачка интелигенција, поради потенцијалните ризици што ги носи нивниот брз развој.
ЕУ, како што посочи, ќе ја продлабочи соработката во областа на безбедноста на вештачката интелигенција со Канада, Велика Британија и други држави со слични ставови.
Канада како асоциран член на ЕУ?
Еден од позначајните моменти во говорот беше најавата за продлабочување на односите меѓу Европската Унија и Канада.
Фон дер Лајен истакна дека ЕУ и Канада ги делат вредностите на демократијата и најави амбиција односите меѓу двете страни да бидат подигнати на највисоко ниво.
„Европа и Канада веруваат во демократијата“, порача фон дер Лајен, обраќајќи им се на европратениците и на канадскиот премиер Марк Карни.
Таа притоа изјави дека би ја „отворила вратата“ Канада да стане прва асоцирана членка на Европската Унија.